Француските власти распоредуваат околу 70.000 припадници на безбедносните сили низ земјата поради најавените масовни протести што ќе се одржат денеска. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез порача дека државата ќе реагира решително на секој обид за насилство и нарушување на јавниот ред.
Како дел од безбедносниот план, ќе бидат ангажирани сите расположливи капацитети, вклучително и персонал од служби кои вообичаено не учествуваат во вакви операции. Според Нуњез, на терен ќе бидат распоредени и специјализирани елитни единици на стратешки локации.
Во дел од градовите веќе се преземаат дополнителни мерки на претпазливост. Во Нанси, сопствениците на продавници ги заштитија излозите и влезовите со дрвени штици, стравувајќи од можни инциденти за време на протестите.
Според проценките, на протестите се очекува да учествуваат меѓу 400.000 и 500.000 луѓе.
Министерот за правда Џералд Дарманин, во пресрет на новите демонстрации, ги објави податоците за немирите од минатиот викенд. Според него, приведени биле 232 лица, а против повеќе од илјада лица биле покренати судски постапки.
Протестите започнаа пред неколку недели со барања на ученици и студенти за подобри услови и опрема во образовните установи. Подоцна им се приклучија и други групи граѓани кои протестираат поради високите трошоци за живот.
Иако најголемиот дел од собирите поминаа мирно, на нивните маргини во повеќе градови избувнаа судири и инциденти, поради што француските власти воведуваат засилени безбедносни мерки.
