Министерството за надворешни работи и надворешна трговија изрази сериозно незадоволство од изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, поврзани со случајот со Ива Михајлова, оценувајќи ги како навредливи, провокативни и спротивни на принципите на добрососедските односи.
Во Министерството денеска бил повикан претставник на Амбасадата на Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот Радуков ја извршува функцијата вршител на работи.
Како што информираат од МНР, на средбата било пренесено официјалното незадоволство од неодамнешната изјава на бугарскиот министер Иван Демерџиев во врска со случајот со Ива Михајлова, која, според македонската страна, содржи навредливи и провокативни квалификации.
Министерството реагира и на изјавата што амбасадорот Радуков ја дал за бугарската телевизија БТВ, оценувајќи дека таа претставува директно мешање во внатрешните работи на државата преку коментари за постапувањето на македонските институции.
„Од наша страна беше особено нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, соопшти Министерството.
Оттаму предупредуваат дека ваквото однесување може да доведе до соодветна институционална реакција во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи, која ги утврдува правилата за дипломатско дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата домаќин.
Од Министерството потенцираат дека Македонија останува посветена на градење добрососедски односи со Бугарија, засновани врз меѓусебна почит, доверба и европски вредности, но очекува ист пристап и од бугарската страна.
