ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните органи да ги истражат нивните тврдења дека извесен доктор Иван Барбов, за кој велат дека е во блиски односи со Венко Филипче и Зоран Заев на ден 19.03.2026 година за Ива Михаилова која побегна во Бугарија, изготвил медицински извештај во кој, тврдат, јасно се наведува дека нејзиното понатамошно лекување мора да продолжи во соседна Бугарија.
Портпаролот Валентин Манасиевски обвини дека опозициската СДСМ и Филипче одработуваат за источниот сосед.
СДСМ пак истакна дека сè што власта прави е фарса и тврди дека зад грбот на народот, под маса, „под радарот“ се договориле со Бугарија и ја пуштиле Ива Михаилова преку граница
-Наместо одговорност и оставка од Тошковски сега народот гледа театар. Се повикува амбасадорот на Бугарија, се распишува потерница, се бара притвор, префрлаат одговорност на некој друг, се тера медиумска кампања, криви им се Филипче, Заев, СДСМ, изјави Кети Штерјова, портпаролка на СДСМ.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека бегството на Ива Михаилова во соседна Бугарија е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум во Македонија, кој, по проверката на нејзините наводи, вели, ќе утврдеше дека таму нема здравствен случај.
За случајот Клековски најави дека ќе разговара со бугарските колеги во Софија.
