Собранието денеска ќе ја одржи 126. седница, на чиј дневен ред се предложени осум точки, по што ќе следуваат и опозициските пратенички прашања, на кои премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Владата ќе одговараат во времетраење од два часа.
Согласно собраниската практика, по усвојувањето на дневниот ред, на секоја втора пленарна седница се одржува седница посветена на пратенички прашања од опозицијата, на која министрите и премиерот одговараат за актуелни теми и политики.
На дневен ред на 126. седница се најдоа повеќе законски предлози и одлуки, меѓу кои Предлог-законот за ратификација на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитети на Советот на Европа, Предлогот за избор на надворешен член на Комисијата за хартии од вредност, како и Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците од економската криза врз земјоделското и сточарското производство и откупот на земјоделски производи во 2026 година, по скратена постапка.
Пратениците ќе расправаат и за барањето за автентично толкување на член 141 став 4 од Законот за работните односи, поднесено од пратеничката Даниела Николова, како и за Предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата во рамки на мисијата „АЛТЕА“ на Европската Унија во Босна и Херцеговина.
На дневен ред се и Предлог-одлуката за именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“, Дополнетиот предлог-закон за државната ревизија во трето читање, како и Предлог-одлуката за продолжување на рокот на кризна состојба поради можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата.
Се очекува најголемо внимание да привлече делот од седницата посветен на пратеничките прашања, кога опозициските пратеници ќе имаат можност директно да ги прашаат премиерот Мицкоски и министрите за актуелните политички, економски и безбедносни прашања.
