Организаторите на „Платформата Разговори за иднината во 12:05“ побараа од Владата на премиерот Христијан Мицкоски и од ВМРО-ДПМНЕ да одговорат дали на средбата меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова во Софија било разговарано за случајот со Ива Михајлова.
Во реакцијата, тие изнесуваат тврдење дека треба да се утврди дали постои поврзаност меѓу средбата и заминувањето на Михајлова во Бугарија, која во Македонија е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици.
„Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е должна веднаш да одговори дали на средбата Муцунски-Чамова во Софија е договорено бегството на Ива Михајлова“, наведуваат од „Платформата 12:05“.
Од таму оценуваат дека доколку Владата ги демантира ваквите наводи, треба да преземе одговорност и да прогласи институционална неспособност, при што бараат оставки од министрите за правда, надворешни работи и внатрешни работи.
„Доколку Владата го демантира претходното, тогаш веднаш да признае и прогласи целосна институционална неспособност и да побара помош од меѓународни стратешки партнери, додека сè уште не сме го загрозиле безвизниот режим со ЕУ и не сме го вклучиле алармот на НАТО Алијансата поради неодговорно управување со државните граници“, велат организаторите.
Тие повикаа и на вклучување на Европската комисија, барајќи од Бугарија да ја предаде Михајлова на македонските правосудни органи.
„Ја повикуваме Европската комисија да побара од официјална Софија да престане со провокациите од највисоко политичко-државно ниво и да побара Ива Михајлова без одлагање да биде предадена на македонските правосудни органи“, наведуваат од платформата.
Според нив, случајот дополнително го зголемува внатрешниот притисок за преиспитување на Договорот за добрососедски односи меѓу Македонија и Бугарија, поради, како што велат, „понижувања и режирање жртви на непостоечка дискриминација врз бугарски државјани“.
Од „Платформата 12:05“ во реакцијата наведуваат дека граѓаните со овој случај се потсетуваат на претходни бегства на лица осудени или обвинети во Македонија, меѓу кои ги споменуваат Драган Даравелски, Никола Груевски и Артан Груби.
Случајот со Ива Михајлова предизвика реакции откако таа се појави во Бугарија, додека од македонското Министерство за внатрешни работи соопштија дека во системот за гранична контрола нема евидентиран излез од земјата. Од бугарска страна досега нема официјално објаснување под кои околности таа пристигнала во Бугарија.
