Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека единствениот начин за надминување на блокадата во евроинтегративниот процес е продолжување на дијалогот со Бугарија, и покрај тоа што последната средба меѓу министрите за надворешни работи на двете земји не донесе конкретен напредок.
Тој изрази очекување дека со текот на времето ќе се создадат услови за приближување на ставовите и изнаоѓање прифатливо решение.
„Се радувам што дијалогот започна и што за него се информирани нашите меѓународни партнери. Во демократијата е важно да се разговара и кога постојат различни ставови, а вистинската умешност е тие ставови да се доближат и да се постигне компромис. Очекувам разговорите да продолжат и во одреден момент да дојдеме до решение“, изјави Мицкоски.
Осврнувајќи се на разговорите со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, премиерот рече дека нејзиниот совет бил македонската страна да започне директен дијалог со Софија.
Средбата меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова се одржа на маргините на министерскиот состанок за Коридорот 8 во Софија.
По разговорите, Муцунски изјави дека позициите на двете земји остануваат значително различни, додека Чамова посочи дека побарала временска рамка за уставните измени во Македонија. Таа повтори дека, според официјална Софија, нема нови услови, ниту можност за повторно отворање на веќе договорените прашања.
На прашањето дали се планира нова средба меѓу двајцата министри, Мицкоски кусо одговори дека треба да се остави процесот да се развива природно.
Уставните измени, со кои бугарската заедница треба да биде внесена во Преамбулата на Уставот, остануваат предуслов за одржување на Втората меѓувладина конференција со Европската Унија и отворање на преговарачките поглавја. Владата, пак, останува на ставот дека нема да започне таков процес без јасни гаранции дека нема да има нови билатерални условувања во иднина.
