ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата дека со своите ставови за евроинтеграциите ги повторува бугарските позиции и директно ги загрозува државните интереси.
Од владејачката партија тврдат дека инсистирањето на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека не постои можност за подобра преговарачка рамка со Европската Унија е една од главните причини поради кои, според нив, Македонија останува блокирана на патот кон членство.
„Филипче постојано повторува дека подобра преговарачка рамка немало. Но токму таа преговарачка рамка е она што ја држи државата заглавена пред вратата на Европската Унија. Тој ги повторува тезите дека бугарските барања се европска позиција, а не билатерален спор“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата оценува дека најавите на опозицијата за враќање на власт подразбираат прифаќање на барањата на Софија, вклучително и внесување на Бугарите во Уставот, што, според нив, би претставувало нова отстапка на штета на националните интереси.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ упати и критики кон Филипче за неговите политички ставови и настапи, обвинувајќи го дека со своите политики продолжува по патот на претходната власт и дека избегнува да се произнесе за одделни прашања поврзани со националните интереси.
