Силен земјотрес со магнитуда од 7,7 степени ја погоди Панама, предизвикувајќи оштетувања на згради, прекини во снабдувањето со електрична енергија и масовна евакуација на населението. Според Американскиот геолошки завод, епицентарот бил на длабочина од 12,6 километри, во слабо населено подрачје на околу 200 километри од главниот град Панама Сити.
По главниот потрес биле регистрирани повеќе од 40 последователни земјотреси, што дополнително предизвикало страв кај населението. Илјадници граѓани ги напуштиле домовите и деловните објекти, додека надлежните служби започнале со процена на штетите. Во шест провинции биле регистрирани прекини во снабдувањето со електрична енергија, а оштетувања биле пријавени на повеќе објекти. Панамскиот канал и рудникот за бакар „Кобре Панама“ продолжиле со нормална работа, додека меѓународниот аеродром „Токумен“ го обновил авиосообраќајот по привремениот прекин.
Според најновите информации, нема пријавени загинати, но има повредени лица, додека американските експерти проценуваат дека економските загуби би можеле да достигнат од еден до десет проценти од бруто-домашниот производ на Панама. Властите продолжуваат со проверките на оштетените објекти и инфраструктурата, додека населението останува во состојба на претпазливост поради можни нови потреси.
