Иран соопшти дека го затворил Ормускиот Теснец и дека има целосна контрола врз овој стратешки поморски премин, но американската војска категорично ги демантираше ваквите тврдења. Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) објави дека САД и нивните регионални партнери ја контролираат пловидбата низ теснецот, оценувајќи ја изјавата на генерал од иранската Револуционерна гарда како неточна.
Според американската војска, низ Ормускиот Теснец и натаму минуваат трговски бродови и танкери што превезуваат енергенти, вклучувајќи и 20 милиони барели сурова нафта. Овој поморски премин стана едно од главните жаришта на конфликтот меѓу САД и Иран по почетокот на војната кон крајот на февруари. Иранските закани и нападите врз бродови значително го нарушија поморскиот сообраќај, додека американската војска воведе блокада на пловилата што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.
Поради нарушувањата на транспортот низ една од најважните светски рути за снабдување со нафта, природен гас и вештачки ѓубрива, цените на енергенсите на светските пазари пораснаа. Аналитичарите посочуваат дека дел од транспортот се одвива со помали танкери под заштита на американската морнарица, кои ја пренесуваат нафтата до поголеми бродови надвор од теснецот. И покрај американските тврдења дека пловидбата продолжува, во последните денови повторно се регистрирани напади врз бродови, што ја одржува неизвесноста околу безбедноста на оваа клучна светска трговска рута.
