Европската Унија подготвува голема промена во правилата за воздушниот сообраќај, со која значително ќе се прошират правата на патниците при доцнење, откажување летови и други проблеми за време на патувањето.
Новата регулатива (ЕУ) 2026/2202 носи низа обврски за авиокомпаниите – од исплата на надомест до 600 евра и враќање на средствата во кратки рокови, до обезбедување сместување, храна, помош при пропуштени врски и поголема заштита на патниците со посебни потреби.
Правилата ќе започнат да се применуваат од 23 октомври 2027 година и ќе важат низ Европската Унија.
Меѓу најзначајните промени е правото на финансиски надомест доколку патникот пристигне на крајната дестинација со доцнење подолго од три часа. Износот ќе зависи од должината на летот и ќе се движи од 250 до 600 евра.
За летови до 1.500 километри предвиден е надомест од 250 евра, за летови во рамките на ЕУ над 1.500 километри и други релации од 1.500 до 3.500 километри – 400 евра, а за најдолгите летови – 600 евра.
Новите правила предвидуваат и дека доколку доцнењето при полетување достигне пет часа, патникот ќе може да побара враќање на парите наместо да го продолжи патувањето. Средствата ќе мора да бидат вратени автоматски во рок од седум календарски дена.
Авиокомпаниите ќе можат да понудат ваучери, но само доколку патникот доброволно се согласи. Ваучерот нема да смее да биде единствената опција, а неискористениот дел од средствата ќе мора да биде вратен.
Значајна новина е и можноста патникот сам да организира алтернативен превоз ако авиокомпанијата не обезбеди решение во рок од три часа. Во таков случај, разумните и неопходни трошоци ќе мора да бидат надоместени.
Поголема заштита се воведува и за патниците кои долго време чекаат во авион на писта. Ќе мора да имаат пристап до тоалет, соодветна температура во кабината и бесплатна вода за пиење. Ако чекањето на аеродром во ЕУ трае повеќе од два часа, патниците ќе треба да добијат можност да го напуштат авионот, освен ако тоа не е спречено од безбедносни причини.
При подолги застои, авиокомпаниите ќе имаат обврска да обезбедат храна, пијалаци, интернет и можност за два телефонски повици. Ако е потребно ноќевање, ќе треба да обезбедат хотел и превоз до и од аеродромот.
Новите правила носат промени и кај багажот. Секој патник ќе има право на еден личен предмет во кабината без дополнителна наплата, со максимални димензии 40х30х15 сантиметри или предмет што може да се смести под седиштето.
Сепак, рачниот багаж со тркалца и понатаму може да биде предмет на дополнително плаќање, но авиокомпаниите ќе мора однапред јасно да ги прикажуваат цените.
Патниците ќе добијат и олеснување при ситни грешки во името на билетот. Правописните грешки ќе мора бесплатно да се коригираат најмалку еднаш доколку барањето биде поднесено до 48 часа пред летот.
Дополнително, ако патникот биде преместен во пониска класа од платената, ќе има право на автоматско враќање на дел од средствата – од 30 до 75 проценти од цената на билетот, зависно од должината на летот.
Регулативата предвидува и деветмесечен рок за поднесување барања за надомест, додека авиокомпаниите ќе мора да одговорат на жалбите во рок од најмногу два месеца.
Посебна заштита е предвидена и за семејствата со деца, лицата со инвалидитет и патниците со намалена подвижност. Децата ќе треба да бидат сместени до родителите без дополнителна наплата доколку има слободни места, а детските колички ќе можат да се користат до местото на качување.
Со новите правила Европската Унија сака да стави крај на дел од проблемите со кои патниците најчесто се соочуваат – долги чекања, нејасни процедури, наметнати ваучери и дополнителни трошоци.
Новата регулатива, сепак, нема веднаш да стапи во сила. Клучниот датум за патниците и авиокомпаниите е 23 октомври 2027 година.
