Патниците на летот од Сплит кон Белград биле евакуирани од авионот поради сомнение за можна закана со бомба, објавија хрватски медиуми.
Според сведоштвата на патниците, авионот веќе се наоѓал на пистата кога во него влегле полициски службеници, дел во униформи, а дел во цивилна облека. Во близина на леталото било забележано и полициско возило.
Една од патничките изјавила дека лицето кое седело во предниот дел од авионот, во третиот или четвртиот ред, го споменало зборот „бомба“, по што таа побарала објаснување од екипажот.
Според нејзиното сведоштво, неколку патници веднаш го напуштиле авионот поради страв, а нешто подоцна пилотот преку разглас ги известил сите патници дека мора да се симнат поради безбедносна проверка.
Летот на авиокомпанијата „Ер Србија“ требало да полета од Сплит за Белград во 15:20 часот, но поради инцидентот бил прекинат.
Надлежните служби извршуваат проверки за да утврдат дали навистина постоела закана и да ги разјаснат сите околности околу случајот.
