Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија ги смета украинските напади врз цивилната економска инфраструктура за причина за засилените воени дејствија и порача дека Украина „ќе ја плати цената“ за тие акции.
Песков се повика на претходна изјава на рускиот претседател Владимир Путин, според која украинските власти ја прошириле листата на цели кон објекти од руската цивилна економија.
„Она што нашите вооружени сили го прават сега е одмазда за тоа. Украина мора и ќе ја плати цената за овие дејствија“, изјави Песков.
Осврнувајќи се на работата на странските дипломатски мисии во Киев, тој рече дека секоја држава самостојно одлучува дали нејзините дипломати ќе останат во украинскиот главен град.
„Специјалната воена операција продолжува. Министерствата за надворешни работи и за одбрана редовно објавуваат информации за состојбата, а одлуката за дипломатските мисии е на самите земји“, изјави Песков.
Во меѓувреме, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека странските дипломати и државјани кои останале во Киев, според Москва, свесно ги изложуваат своите животи на опасност.
Песков ги коментираше и информациите во британските медиуми дека Естонија распоредува дел од своите воени сили поблиску до руската граница како дел од стратегијата за „активна одбрана“.
Тој нагласи дека руското Министерство за одбрана и останатите безбедносни служби располагаат со доволно разузнавачки капацитети за внимателно следење на ситуацијата долж државната граница.
