Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека во следните пет до 10 години би можеле да се појават нови реверзибилни контрацептивни методи за мажи, меѓу кои и гел кој се нанесува на кожата и привремено го намалува производството на сперматозоиди.
Развојот на овие препарати има цел да ја промени досегашната распределба на одговорноста за контрацепцијата, која најчесто паѓа на жените. Додека жените имаат повеќе можности, како хормонски таблети, импланти или спирали, кај мажите изборот главно се сведува на употреба на кондоми или вазектомија, која е трајна процедура.
„Во моментов се спроведуваат студии за различни хормонски и нехормонски методи на контрацепција за мажи. Неколку ветувачки препарати се веќе во напредна фаза на клинички испитувања. Затоа, новите реверзибилни контрацептиви за мажи би можеле да се појават на пазарот во следните пет до 10 години“, наведуваат од СЗО.
Истражувачите со години работат на развој на машка контрацепција, но овој процес се одвива побавно поради сложеноста на хормонската регулација кај мажите. За разлика од жените, кај кои постои месечен циклус со кој може да се влијае врз плодноста, кај мажите треба да се најде начин да се намали производството на сперматозоиди без нарушување на нивото на тестостерон.
Гел кој привремено го намалува производството на сперматозоиди
Меѓу најнапредните истражувања е развојот на хормонски гел кој привремено го потиснува создавањето сперматозоиди, без значително влијание врз тестостеронот.
Производот би се нанесувал секојдневно на рацете, а неговото дејство би продолжило и по прекинот на употребата. Според досегашните истражувања, намалена плодност или неплодност може да трае и до 17 недели по прекинувањето на третманот.
Гелот се наоѓа во третата фаза од клиничките испитувања, што значи дека по претходните проверки за безбедност се тестира на поголеми групи луѓе за да се утврдат ефикасноста и оптималната доза.
Компанијата „Контралајн“, која стои зад овој препарат, обезбедила средства за големо истражување што би можело да започне во 2027 година. Доколку резултатите бидат успешни, производот би можел да се појави на пазарот неколку години подоцна.
Таблета која го блокира создавањето сперматозоиди
Друг пристап е развој на таблети кои би можеле привремено да го блокираат дејството на одредени соединенија поврзани со витаминот А во организмот, со што би се запрело производството на сперматозоиди.
Овој метод сè уште е во втора фаза на клинички испитувања, каде што главниот фокус е безбедноста на препаратот и можните несакани ефекти.
Иако првичните резултати се охрабрувачки, експертите проценуваат дека ќе бидат потребни уште најмалку седум до осум години пред ваквата опција да стане достапна за поширока употреба.
Привремена алтернатива на вазектомијата
Третата опција која се истражува е метод сличен на привремена вазектомија. При оваа постапка, со мала интервенција се внесува гел во семеводот, кој го спречува минувањето на сперматозоидите.
Гелот би можел сам да се разгради по одреден период, на пример по две години, или неговото дејство би можело да се прекине со дополнителен медицински третман.
И овој метод е сè уште во рана фаза на истражување, па ќе биде потребно време пред да стане дел од редовната медицинска пракса.
И покрај големиот потенцијал, научниците предупредуваат дека развојот на нови контрацептиви може да наиде на непредвидени проблеми, поради што дел од истражувањата би можеле да бидат забавени или повторени.
Голем интерес кај мажите за нови опции
Додека новите методи не станат достапни, најчести опции за мажите остануваат кондомите и вазектомијата.
Сепак, според податоците на СЗО, околу 30 проценти од паровите во светот веќе се потпираат на машки методи на контрацепција.
Истражувањата покажуваат и голема заинтересираност за нови решенија. Повеќе од 75 проценти од анкетираните парови изјавиле дека би користеле нов машки контрацептив, а над 85 проценти од жените сметаат дека нивниот партнер би бил подготвен да ја преземе таа одговорност.
Експертите сметаат дека постои голем потенцијал за вакви производи, бидејќи многу мажи сакаат да учествуваат во планирањето на семејството, но истовремено сакаат да ја задржат можноста за деца во иднина без да се одлучат за трајна процедура како вазектомијата.
