Најмалку пет Палестинци, меѓу кои четири жени, загинаа во израелски воздушен напад врз станбена зграда во населбата Римал, во западниот дел на градот Газа. Според болницата „Ал-Шифа“ и палестинската цивилна одбрана, нападот бил извршен во текот на ноќта, а спасувачките екипи продолжиле со потрагата по лица затрупани под урнатините.
Израелската армија потврди дека извела операција во Појасот Газа, наведувајќи дека цел на нападот бил Али ал-Амуди, заменик-претседател на политичкото биро на Хамас во Газа.
Според ИДФ, ал-Амуди бил близок со поранешниот лидер на Хамас, Јахја Синвар, учествувал во носењето клучни одлуки и имал важна улога во обновувањето на капацитетите на организацијата. Израелската армија тврди дека тој дејствувал од објект во рамки на станбената зграда и дека претставувал безбедносна закана.
Од ИДФ соопштија дека при нападот биле преземени мерки за намалување на ризикот за цивилното население, вклучително и употреба на прецизно оружје. И покрај тоа, во нападот беа погодени станбени објекти, при што загинаа најмалку пет лица.
Засега нема официјална потврда дали Али ал-Амуди бил меѓу жртвите.
Нападот се случува во период на кревок прекин на огнот во Газа. Палестинските здравствени власти тврдат дека од воспоставувањето на примирјето минатата година, повеќе од 1.400 Палестинци загинале во израелски напади.
Од друга страна, Израел го обвинува Хамас за прекршување на договорот за прекин на огнот и за продолжување на вооружените активности. Хамас ги отфрла овие обвинувања, додека меѓународните посредници продолжуваат со напорите за зачувување на примирјето.
