Албанскиот премиер Еди Рама упати критики кон начинот на кој Европската Унија го води процесот на проширување, оценувајќи дека пристапот кон Украина не може да се спореди со стандардните процедури што важат за другите земји кандидати.
Во интервју за германскиот весник „Велт“, Рама потсети дека по падот на Берлинскиот ѕид, од Источна Германија не било побарано да ги исполни сите 33 преговарачки поглавја за да стане дел од Европската Унија.
Тој оцени дека земјите од Западен Балкан најверојатно ќе се соочат со уште построги барања во процесот на пристапување, но нагласи дека и покрај тоа остануваат цврсто определени за членство во Унијата.
Осврнувајќи се на Украина, Рама изјави дека, според него, таа нема да стане членка на ЕУ преку класичниот модел на пристапување со исполнување на сите критериуми.
Според албанскиот премиер, пореално решение би било Украина веднаш да се вклучи во пристапните преговори и да добие полноправно членство врз основа на своите заслуги.
