Платформата „Студентарија“ побара Министерството за образование и наука да ги прифати барањата на студентите за зголемување на надоместокот за студентски оброк, субвенционирање на меѓуградскиот превоз и подобрување на условите во студентските домови.
Студентските организации предлагаат износот на субвенцијата за студентски оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари, како и да се воведе попуст за билетите во меѓуградскиот јавен превоз.
Од „Студентарија“ посочуваат дека и оваа академска година дел од студентите се соочиле со проблеми при остварувањето на правото на субвенциониран студентски оброк.
Претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, изјави дека дел од студентите биле одбиени затоа што студентските служби не ги доставиле навреме списоците на редовно запишани студенти до Министерството за образование.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека Министерството е запознаено со барањата и проблемите на студентите и дека ќе се разгледаат можностите за нивно решавање.
Таа посочи дека според сегашната методологија и пресметките засновани на стапката на инфлација, студентскиот оброк би требало да се зголеми за седум денари, односно да изнесува 147 денари.
„Иницијативата за зголемување на сумата е доставена до Министерството за образование и наука. Веќе почнавме да размислуваме за промена на методологијата“, изјави Јаневска.
