Дел од солунската обиколница ноќва ќе биде целосно затворен за сообраќај во двата правци поради градежни активности поврзани со проектот „Флајовер“.
Според информациите од сообраќајната полиција во Солун, прекинот ќе трае шест часа, од 23:30 часот вечерва до 05:30 часот утре наутро.
Затворена ќе биде делницата на источната внатрешна обиколница меѓу клучката Евкарпија кај болницата „Папагеоргиу“ и клучката Метеора. Во овој период сите возила ќе мора да ја напуштат обиколницата и да користат алтернативна локална улична мрежа.
Градежните екипи во текот на ноќта ќе изведуваат работи за изградбата на надземната сообраќајница „Флајовер“, проект кој веќе подолг период влијае врз сообраќајниот режим околу Солун.
Возачите кои патуваат кон Халкидики, аеродромот „Македонија“ или кон западните делови на градот ќе треба да користат алтернативни маршрути.
За возилата што се движат кон исток, сообраќајот ќе биде запрен кај излезот за Евкарпија, а пренасочувањето ќе се врши преку градските улици Јани Рицос, Тисеос и булеварот Страту.
Затворен ќе биде и приклучокот кај комплексот болници „Папагеоргиу“ и „424“, поради што возилата од овие локации нема да можат директно да се вклучат на обиколницата во правец кон исток.
Во спротивниот правец, кон Кавала и Катерини, прекинот ќе биде кај клучката Метеора, од каде што возилата ќе бидат пренасочувани преку излезната рампа и локалната патна мрежа.
Од сообраќајната полиција апелираат возачите да ги почитуваат поставените знаци и насоките на службените лица кои ќе бидат распоредени на терен.
