На универзитетите низ Македонија денеска официјално започнува новата академска 2026/2027 година, а традиционално ќе биде одбележана со организирање на првиот академски час за новите студенти.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје свеченото отворање ќе се одржи на платото на УКИМ, каде што е предвидена свечена програма со обраќања, културно-уметнички настапи, информативна сесија и активности за запознавање и дружење на бруцошите.
На настанот е најавено присуство и обраќање на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според конкурсот за упис, годинава на 23-те факултети во состав на УКИМ беа понудени вкупно 8.851 место за студенти од прва година.
Во моментов на најголемиот државен универзитет студираат повеќе од 26.000 студенти. Од нив, над 23.400 се запишани на додипломски студии, додека останатите посетуваат магистерски и докторски програми. УКИМ располага со 242 студиски програми од прв циклус, 313 магистерски и 99 докторски студиски програми.
Новата академска година започнува и со раководство кое ќе го води Универзитетот во наредниот тригодишен мандат. Ректорската функција повторно ја извршува проф. д-р Биљана Ангелова, која во мај доби доверба за нов мандат што трае до септември 2029 година.
Пред почетокот на академската година беше избрана и новата Ректорска управа. За проректор за настава е именувана проф. д-р Соња Топузовска, за проректор за наука проф. д-р Ивана Јанеска-Стаменковска, за меѓународна соработка проф. д-р Иван Чорбев, а за финансии, инвестиции и развој проф. Лазо Пендовски.
