Општина Центар заврши со целосна санација и реконструкција на платото над спортската сала во ООУ „Гоце Делчев“, со што е решен долгогодишниот проблем со протекување при врнежи.
Од Општината информираат дека површината подолг период била оштетена, поради што водата навлегувала во спортската сала и училишните ходници, создавајќи проблеми за учениците и вработените.
Во рамки на градежните работи биле отстранети сите стари слоеви до конструктивната површина, по што се поставени нова хидроизолација и термоизолација, нова кошулка и нова завршна облога со плочки. Дополнително, изработени се и решетки за одводнување на атмосферските води со цел да се спречи повторно навлегување на вода.
Просторот е дополнително уреден со нови клупи за одмор, со што платото повторно е ставено во употреба за учениците.
Паралелно со санацијата на платото, во училиштето се обновува и оградата.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека станува збор за проблем кој со години не бил решаван целосно и дека била потребна темелна реконструкција, а не привремени интервенции.
Од Општината најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат инвестициите во училишната инфраструктура, со цел создавање подобри услови за настава, спортски активности и престој на учениците.
