Пиварницата „Minocqua Brewing Company“ од американската сојузна држава Висконсин се соочува со можност за затворање на еден од своите два објекти, откако државните власти ѝ ги одзедоа лиценците за производство и продажба на алкохол.
Сопственикот на компанијата, Кирк Бангстад, тврди дека одлуката има политичка заднина, посочувајќи дека пиварницата во изминатите години стана позната по своите јавни пораки и кампањи насочени против американскиот претседател Доналд Трамп.
Компанијата претходно предизвика реакции со објави на социјалните мрежи, меѓу кои и порака дека ќе дели бесплатно пиво на денот на смртта на Трамп. Слична промоција беше објавена и по смртта на републиканскиот сенатор Мич Меконел, кога пивото било понудено по намалена цена.
Бангстад за локалните медиуми изјавил дека објектот во Медисон би можел да биде затворен до крајот на годината, додека компанијата ја продолжува правната постапка против одлуката на властите.
Од Одделот за приходи на Висконсин соопштија дека лиценците за објектите во Миноква и Медисон се одземени поради наводни прекршувања поврзани со транспорт на пиво од Илиноис без соодветни дозволи, како и неплатени даночни обврски.
Властите нагласија дека жалбата на компанијата ќе биде разгледана на 18 ноември и дека одземањето на лиценците нема да стапи во сила додека не заврши жалбената постапка.
Одделот за приходи на Висконсин наведе дека прописите за продажба на алкохол се применуваат „фер и доследно“, без разлика на политичките ставови на сопствениците.
Бангстад, кој е и основач на политички суперкомитет поврзан со пиварницата, вели дека неговата активност е насочена кон отстранување на републикански функционери за кои смета дека ширеле невистини поврзани со изборите во 2020 година.
