Цената на нафтата порасна за околу три проценти откако Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала шест балистички ракети истрелани од јеменските Хути. Проектилите, според саудиската коалиција во Јемен, биле насочени кон Таиф и подрачјето на Јанбу на Црвеното Море.
Хутите, пак, тврдат дека нападнале чувствителна цел во Ријад и постројки на нафтената компанија „Сауди Арамко“ во Јанбу. Засега нема информации за жртви или материјална штета од нападите. Јанбу е особено важен бидејќи претставува клучна алтернативна рута за саудискиот извоз на нафта во услови на отежнат сообраќај низ Ормутскиот Теснец.
Новите напади повторно ја зголемија загриженоста за глобалното снабдување со енергенси и безбедноста на пловидбата низ Црвеното Море. Хутите во последните недели го засилија притисокот и врз стратешкиот премин Баб ел-Мандеб, една од најважните поморски трговски рути во светот.
Саудиска Арабија, Турција и Пакистан најавија и итен состанок на воените началници на кој ќе разговараат за заедничка одбрана од нападите на Хутите.
