Пратеничката група на Левица ќе почека до понеделник да продолжат разговорите за измените на Изборниот законик, а доколку не се обнови дијалогот, најавува дека самостојно ќе поднесе законски измени во Собранието.
Координаторот на пратеничката група, Борислав Крмов, на денешната прес-конференција изјави дека партијата ќе го почека евентуалниот договор меѓу политичките партии и ќе види каков ќе биде исходот од иницијативата на министерот за правда Јетон Шасивари за продолжување на разговорите.
Доколку не дојде до нови преговори, Левица најпрво ќе предложи измени со кои ќе се укине платеното политичко рекламирање за време на изборните кампањи. Потоа, според Крмов, ќе следуваат и предлози за воведување една изборна единица, како и други измени на Изборниот законик.
Од партијата предупредија дека доколку нивниот предлог за укинување на платеното политичко рекламирање не добие поддршка, ќе следува радикализација на политичките активности, вклучително и блокирање на работата на Собранието.
Најавите на Левица доаѓаат откако Уставниот суд вчера одлучи да не поведе постапка по иницијативата на партијата за оценување на уставноста на одредбите што се однесуваат на платеното политичко рекламирање.
