Управата за јавни приходи (УЈП) започна со автоматско изготвување на МПИН пресметките за придонесите на самовработените лица – паушалисти, согласно измените на Законот за придонеси.
За јули и август 2026 година веќе се подготвени околу 7.000 пресметки за приближно 3.500 паушалисти. Тие се достапни преку системот „Е-Даночни услуги“, по електронска пошта или во надлежните даночни канцеларии.
Од УЈП информираат дека со новиот начин на работа значително се поедноставува исполнувањето на даночните обврски, бидејќи институцијата автоматски ги изготвува пресметките и налозите за плаќање на данокот и придонесите.
Сепак, обврската за навремена уплата и понатаму останува на товар на самовработените лица – паушалисти.
Воедно, УЈП најави дека од 1 јануари 2027 година ќе воведе дополнително олеснување, при што еднаш годишно ќе изготвува 12 месечни налози за данок и придонеси. Тие ќе им бидат доставувани на паушалистите заедно со решенијата за паушално оданочување, со цел постапката да биде уште поедноставна и поефикасна.
