Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело „Насилство“ според член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според досега обезбедените докази, инцидентот се случил на 16 септември во приватна гинеколошка ординација во рамки на поликлиниката „Букурешт“ во Скопје.
Како што информира Обвинителството, осомничениот на работното место физички го нападнал лекарот-гинеколог, при што му упатувал закани и му задал повеќе удари. Со дејствијата, според надлежните, кај оштетениот, но и кај други лица кои биле присутни во ординацијата, било предизвикано чувство на несигурност, загрозеност и страв.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување повеќе мерки на претпазливост за осомничениот.
Мерките имаат за цел да обезбедат присуство на лицето во текот на постапката, како и да спречат негово приближување до оштетениот и до ординацијата каде што се случил настанот.
