Во завршна фаза е реконструкцијата на улицата „Ленинова“ во Општина Центар, каде градежните екипи работат на последната делница од крстосницата со улицата „Илинденска“ до објектот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Последниот потег што се реконструира е со должина од околу 250 метри, а проектот предвидува целосно обновување на коловозот, уредување на пешачките површини и поставување нови рабници.
Покрај градежните работи на улицата, ќе бидат извршени и активности за нивелирање на сливниците и уличните шахти, реконструкција на мрежата за јавно осветлување, како и хортикултурно уредување на просторот.
Од Општина Центар информираат дека со оваа фаза ќе биде заокружена целосната реконструкција на улицата „Ленинова“, која во вкупна должина опфаќа повеќе од 600 метри.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека обновата на улицата е дел од активностите за подобрување на сообраќајната инфраструктура во општината и создавање побезбедни и подобри услови за сите учесници во сообраќајот, особено за пешаците и велосипедистите.
Претходно беше реконструиран и првиот дел од улицата „Ленинова“, од булеварот „Партизански одреди“ до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кој беше обновен во 2023 година.
