Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, повторно упати остри критики кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нарекувајќи го воен злосторник, но истовремено призна дека градските власти немаат законски овластувања да го уапсат доколку пристигне во Њујорк.
Во интервју за CNN, кое во целост ќе биде емитувано во вторник, Мамдани потсети дека уште за време на изборната кампања тврдеше оти Њујорк треба да постапи во согласност со налогот на Меѓународниот кривичен суд. Сепак, по преземањето на функцијата, неговата администрација извршила правна анализа и заклучила дека градот нема надлежност самостојно да спроведе таков налог, поради што ја повикала федералната влада да постапува во согласност со своите овластувања.
Во ноември 2024 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху поради сомневања за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Газа. Израелскиот премиер и израелските власти ги отфрлаат овие обвиненија и ја оспоруваат надлежноста на Судот, додека САД и Израел не се членки на МКС.
Нетанјаху оваа недела треба да престојува во Њујорк, каде што ќе се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации. Мамдани претходно изјави дека израелскиот премиер не е добредојден во градот, но нагласи дека нема намера да учествува на поголемиот дел од најавените протести, додавајќи дека граѓаните имаат право мирно да го изразат својот став.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп оствари средба со Мамдани во резиденцијата „Грејси Меншн“. Тоа беше нивна трета средба и прва откако Мамдани ја презеде функцијата градоначалник на Њујорк. По средбата, Трамп му се заблагодари за гостопримството и му посака успешен мандат, додека Мамдани истакна дека се заложил за целосна слобода на медиумите и непречен пристап на новинарите за време на посетата.
