СДСМ денеска излезе со нови обвинувања кон Владата, тврдејќи дека зад најновиот договор за набавка на електрични броила вреден 13,2 милиони евра стои мрежа од политички и бизнис врски.
На прес-конференција, Маја Борозан рече дека компанијата „METER&CONTROL“ од Србија, која е избрана за носител на договорот со ЕВН Македонија, е поврзана со „Rudnap Group“, компанија која, според СДСМ, има врски со актуелната власт.
Борозан посочи дека министерката за енергетика Сања Божиновска во периодот од 2011 до 2014 година била извршен директор во компании на „Rudnap Group“ во Централна и Источна Европа, а била поврзана и со „Руднап ДООЕЛ“ Скопје како управител.
Според СДСМ, во оваа мрежа се споменува и Душан Адамовиќ, функционер на Српската напредна странка и почесен конзул, за кого тврдат дека претставува уште една алка во поврзаноста меѓу компанијата и Владата.
„Ова е новата милионска алка во енергетската бизнис-мрежа на Мицкоски, која СДСМ ја објави пред шест месеци. Таа, според нашите сознанија, се протега од домашни институции до офшор-компании на Кипар, а преку ‘Rudnap Group’ води до лица поврзани со Владата“, изјави Борозан.
Од СДСМ обвинуваат дека додека граѓаните се соочуваат со економски предизвици и стравуваат од нови поскапувања, околу власта се создава мрежа од милионски бизнис-зделки. Засега нема реакција од Владата на изнесените обвинувања.
