Русија најави засилување на нападите врз, како што ги нарекува, „воените цели во Киев“, по големиот украински напад со дронови врз Москва и околината. Руското Министерство за одбрана соопшти дека тоа ќе биде одговор на украинските напади врз, според Москва, „цивилната инфраструктура“ на руска територија.
Руските власти тврдат дека нападот врз главниот град бил одбиен, а Министерството за одбрана соопшти дека во текот на неделата биле соборени 1.951 украински дрон и осум крстосувачки ракети. Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин го опиша нападот како досега најголем напад со беспилотни летала врз руската престолнина.
Во нападите избувнаа пожари во логистичкиот парк Софјино и во нафтената рафинерија во Капотња, каде што според руските власти пожарот започнал по удар на дрон.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека силите на Киев користеле домашно оружје со долг дострел, меѓу кое системите „Фламинго“, „Палјаница“ и „Пеликан“.
Украинскиот Генералштаб тврди дека биле оштетени три постројки во московската рафинерија, како и руски систем „Бук-М3“, радарска станица „Небо-У“ и погон за производство на дронови на окупираните територии.
Најавата на Москва за засилени удари доаѓа во период на интензивирани воздушни напади од двете страни, при што Киев во последните недели е честа цел на руски дронови и балистички ракети.
