Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Народната канцеларија во Скопје одржа средби со граѓани кои директно ги споделија своите проблеми, предлози и иницијативи, но и позитивни искуства и идеи за подобрување на работата на институциите.
За време на разговорите, граѓаните укажаа на повеќе предизвици со кои се соочуваат во секојдневието. Дел од нив посочиле на неправилности и неправди при вработувањата, наведувајќи дека честопати стручноста и компетентноста се ставаат во втор план, а предност добиваат политичките, партиските или семејните врски.
Други посетители ги истакнале проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост, укажувајќи на недоволната институционална грижа, занемарувањето на нивните потреби и ограниченото учество во процесите на донесување одлуки.
На средбите било отворено и прашањето за неискористениот потенцијал на македонските стручњаци кои живеат и работат во странство, при што граѓаните изразиле став дека нивното знаење и искуство треба повеќе да се вклучуваат во развојот на државата.
По разговорите, Сиљановска-Давкова ги информирала присутните за уставните надлежности на претседателот, како и за улогата на Кабинетот во проследувањето на граѓанските претставки, предлози и иницијативи до надлежните институции.
Претседателката ги споделила и своите ставови за поставените прашања, при што било нагласено дека Народната канцеларија останува отворена за идни средби, јавни дебати и иницијативи од интерес за граѓаните.
