Регионалната организациска единица за борба против недозволена трговија со дрога при СВР Куманово е распуштена само 11 недели по нејзиното формирање, откако биле утврдени незадоволителни резултати во работењето.
Одлуката била донесена по предлог на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, а со одобрение од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Мерката била соопштена за време на работната посета на Јанев во СВР Куманово, каде што биле разгледувани состојбите поврзани со распространетоста на дрога и психотропни супстанции во Куманово, Кратово и Крива Паланка.
Сите досегашни членови на единицата се распоредени на други работни позиции, додека нивните места ќе бидат пополнети со нови полициски службеници.
Директорот на БЈБ порача дека во борбата против криминалот се бараат конкретни резултати, а не само формално исполнување на обврските.
„Во борбата против криминалот нема простор за работа само на хартија. Потребни се конкретни акции, откриени сторители, запленета дрога и разбиени криминални мрежи. Кога резултатите изостануваат, следува одговорност, без изговори и привилегии“, изјави Јанев.
Тој најави дека и во иднина ќе бидат преземани слични мерки секогаш кога ќе се утврди неефикасност или недоволно работење во полициските структури.
