Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со високи царини или ограничување на трговијата со Европа доколку планот за приближување на Канада кон Европската Унија го оцени како непријателски кон САД. Тој предлогот Канада да стане првата придружна членка на ЕУ, го нарече „смешен“, но остави можност за договор доколку оцени дека европските намери не се насочени против Вашингтон.
Идејата, претходно, ја претстави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент во присуство на канадскиот премиер Марк Карни. Таа предложи Канада да стане првата придружна членка на Унијата и најави поширок сојуз кој би ја надградил постојната трговска соработка меѓу двете страни.
Таков статус во моментов не постои во правото на Европската Унија, па неговите конкретни права и обврски допрва би требало да бидат дефинирани.
Предлогот доаѓа во период на сериозно влошени трговски односи меѓу Канада и САД и настојувања на Отава да ја намали економската зависност од американскиот пазар.
Премиерот Карни претходно изјави дека Канада бара „уникатен сојуз“ со ЕУ, но нагласи дека не бара членство во Унијата.
Плановите за дополнително продлабочување на односите меѓу Канада и ЕУ се очекува да бидат разработувани во следниот период, додека Трамп предупредува дека евентуален чекор што ќе го смета за непријателски може да предизвика нов трговски судир со Европа.
