Инцидент меѓу повеќе членови на две семејства се случил вчера во Тетово, откако 27-годишен жител на Голема Речица, според пријавата, ѝ се заканувал на 22-годишна девојка, информира СВР Тетово.
Од полицијата соопштија дека Ф.Ш. (27) бил лишен од слобода на 14 септември во 19:00 часот. Претходно, 22-годишната Ф.А. од Тетово пријавила дека околу 15:50 часот во трговски центар во Тетово, Ф.Ш. ѝ упатувал закани.
Според пријавеното, по настанот, девојката заедно со членови од нејзиното семејство отишле пред домот на пријавениот со цел да разговараат со неговите родители. Таму, како што е наведено во полицискиот билтен, дошло до физички напад.
При нападот, повредени биле девојката, нејзината мајка Е.А. (50) и нејзиниот чичко Љ.А. (48). Според пријавата, во нападот се вклучиле и мајката и тетката на 27-годишникот.
Дополнително, Ф.Ш. е осомничен дека го оштетил автомобилот „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, како и мобилниот телефон на пријавителката.
Од СВР Тетово информираат дека лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
