Федерален судија во САД го блокира новото правило на администрацијата на претседателот Доналд Трамп со кое требаше да се ограничи времетраењето на престојот на странските студенти и новинари без поднесување барање за продолжување. Американскиот окружен судија Ф. Денис Сејлор од Бостон ја донесе одлуката само еден ден пред новите правила на Министерството за домашна безбедност да стапат во сила.
Судот пресуди во корист на коалиција од синдикати и организации кои ги застапуваат интересите на високото образование. Сејлор оцени дека Министерството ја усвоило новата политика врз основа на „исклучително слаби“ аргументи поврзани со националната безбедност и спречувањето злоупотреби на визниот систем.
Според судијата, Министерството не ги исполнило обврските предвидени со Законот за управна постапка при донесувањето на правилото. Тој посочи дека институцијата не ги разгледала соодветно доставените забелешки ниту можноста за воведување помалку рестриктивни мерки.
