Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и портпаролка на Владата, Марија Митева, порача дека денешното право на политички став и слободно изразување е резултат на борбите на генерациите пред нас за создавање независна и демократска држава.
На првата политичка платформа организирана по повод Меѓународниот ден на демократијата, насловена „Повеќе учество, повеќе демократија“, Митева истакна дека политичката конкуренција денес се темели на идеи и визии, благодарение на институциите и слободите што биле создадени низ историјата.
„Денес сите можеме да зборуваме за политика затоа што генерации пред нас се бореле за правото на политички став. Денес можеме слободно да се натпреваруваме со идеи, затоа што генерации пред нас овозможиле да имаме независна Македонија и независни институции“, рече Митева.
Таа посочи дека во политичката историја важна улога имаат и жените, кои, како што нагласи, низ годините биле дел од општествените процеси и придонеле за развојот на заедницата.
„Жените во политиката не се вклучиле од вчера. Низ историјата биле дел од сите општествени процеси. Некогаш биле во првите редови, а многу често нивниот придонес не бил доволно признаен, но секогаш со работа, труд и истрајност се грижеле и за семејството и за заедницата“, истакна таа.
Според Митева, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ има значајна улога во политичкото организирање на жените, преку дебати, размена на мислења и преземање одговорност.
Таа нагласи дека демократијата не е процес кој еднаш се стекнува и завршува, туку вредност која постојано треба да се надградува преку политички дијалог и култура.
На настанот беше претставена и Декларацијата „За една повеќе“, која содржи десет политички заложби на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, со цел, како што беше посочено, поголемо учество и поголема одговорност.
„Целта не е декларацијата да остане само документ во архивите, туку секоја година да нè потсетува што сме направиле и како можеме дополнително да се надградиме“, порача Митева.
