Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека не очекува предвремени парламентарни избори и дека е убеден оти тие нема да се одржат.
Одговарајќи на новинарско прашање, Гаши нагласи дека неговиот став останува непроменет.
„Според мене, предвремени избори не треба да има и убеден сум дека нема да има“, изјави претседателот на Собранието.
На прашањето врз што ја темели ваквата увереност, со оглед на засилената политичка реторика во земјата, Гаши кратко одговори дека станува збор за неговата долгогодишна политичка интуиција.
Осврнувајќи се на новиот Изборен законик, тој истакна дека е добро тој да биде донесен без разлика кога ќе се одржат следните избори. Сепак, не најави конкретни активности, посочувајќи дека работната група задолжена за подготовка на законското решение сè уште не функционира.
„Постои група која треба да работи на Изборниот законик, но од нив зависи кога ќе се состанат. Во моментов процесот е заглавен“, рече Гаши.
Тој информираше дека на денешната координација во Собранието било отворено и прашањето за честото отсуство на министри од седниците посветени на пратенички прашања. Во име на парламентот било побарано Владата да го разгледа овој проблем и да се најде решение за ваквата практика да не продолжи.
Гаши најави и дека нема да присуствува на следната седница за пратенички прашања, бидејќи премиерот ќе престојува во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации. Поради тоа, дел од координаторите на пратеничките групи предложиле седницата да биде презакажана за термин кога премиерот ќе се врати во земјава.
