ДДВ за горивата се намалува од 18 на 10 проценти од 15 септември, одлучи Владата со цел да го ублажи ценовниот удар врз граѓаните и стопанството во услови на кризна состојба. Според владините пресметки, кај нафтата наместо очекуваното поскапување од околу пет денари, цената би требало да се намали за околу два денари и да изнесува приближно 99 денари за литар. Кај бензините се очекува зголемување од околу 3,5 денари, со што ЕУРОСУПЕР БС-95 би чинел околу 100,5 денари, а ЕУРОСУПЕР БС-98 околу 102,5 денари за литар.
Намалената стапка на ДДВ ќе важи од 15 до 28 септември. Владата оценува дека мерката ќе го намали финансискиот притисок предизвикан од растот на цените на нафтата и можните нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати. Оттаму велат дека целта е истовремено да се заштити животниот стандард на граѓаните и да се намалат трошоците за стопанството.
