Лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев, соопшти дека поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против службени лица во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), како и против самата Комисија како правно лице.
Според документот што го објави Апасиев, пријавата е поднесена против Весна Донева, Севим Мустафа, Славко Ѓорѓески и Фарие Јашари, кои се наведени како членови на Прекршочната комисија при ДКСК, како и против Катица Костовска, за која во пријавата е наведено дека има „непознат внатрешен статус во ДКСК“.
Како основ за кривичната пријава се наведуваат делата „неизвршување на судска одлука“ според член 377 став 4 од Кривичниот законик и „расна и друга дискриминација“ според член 417 став 1, за кои Апасиев тврди дека се сторени во идеален стек.
„Јас си стојам на зборот. Па затоа, денес поднесов нова кривична пријава за ‘неизвршување судска одлука’ против членовите на Прекршочната комисија при Антикорупциска“, објави Апасиев.
Тој наведува дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација претходно утврдила директна дискриминација врз него по основ на политичка припадност, поврзана со, како што тврди, ускратување на правото на учество во постапката и правото на правен лек.
Апасиев дополнително посочи дека тричлен совет на Управниот суд го поништил решението на Прекршочната комисија при ДКСК, но дека членовите потоа повторно донеле исто решение.
„Во судска постапка трочлен судски совет при Управниот суд им го поништи Решението, ама овие повторно си го донесоа истото“, напиша Апасиев.
Пратеникот најави дека постапката ќе продолжи и во следниот период, со поднесување тужба за отштета, како и иницирање дисциплинска постапка поради, како што тврди, непочитување на задолжителните напатствија од Управниот суд.
Апасиев најави дека случајот ќе го отвори и преку пратенички прашања во Собранието, упатувајќи порака до раководството на ДКСК дека ќе бара институционална одговорност.
