Канада разгледува можност за воспоставување нов модел на односи со Европската Унија, преку кој би можела да добие статус на придружна членка без формално приклучување кон европскиот блок, објави „Волстрит џурнал“.
Според информации на весникот, канадскиот премиер Марк Карни веќе неколку месеци разговара со европски лидери за можностите за „поблиска интеграција“ на Канада со ЕУ, која би донела економски и политички придобивки за Отава.
Иницијативата доаѓа во период на зголемени трговски тензии меѓу Канада и САД. Карни, според извештаите, сака да ги зајакне врските со Европа и да ја намали долгогодишната зависност на канадската економија од американскиот пазар.
Канадскиот премиер наводно му наложил на својот специјален претставник за Европа да ги разгледа најамбициозните можности за продлабочување на соработката со ЕУ, но без полноправно членство или приклучување кон единствениот европски пазар.
Според „Волстрит џурнал“, Европската Унија, иако традиционално има строги правила за членство, покажала подготвеност да разговара за предлогот на Отава.
Односите меѓу Канада и САД во последниот период се влошија поради трговските спорови и воведувањето нови царини. Вашингтон воведе високи увозни давачки за одредени канадски производи, по што Отава најави и воведе контрамерки.
Карни оцени дека започнала трговска војна меѓу двете земји, додека канадската влада најави дека ќе продолжи да бара нови економски партнери и пазари.
Евентуалното приближување кон Европската Унија би претставувало значајна промена во надворешната и економската политика на Канада, која со децении е тесно поврзана со Соединетите Американски Држави.
