Кремљ го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за директна средба со Владимир Путин на маргините на самитот на Г-20 во Мајами, оценувајќи дека таквата можност е неприфатлива. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека рускиот претседател е подготвен да разговара со Зеленски, но дека средбата може да се одржи единствено во Москва.
Зеленски претходно изјави дека е подготвен да отпатува во Мајами доколку Путин учествува на самитот и двајцата лидери добијат покана за разговори. Украинскиот претседател нагласи дека целта на евентуалната средба треба да бидат конкретни резултати за завршување на војната, а не само размена на ставови. Киев смета дека Украина во моментов има посилна позиција на бојното поле отколку пред една година и дека условите се поповолни за започнување преговори.
Русија и претходно ги одбиваше украинските предлози средбата на двајцата претседатели да се одржи на неутрален терен, инсистирајќи на Москва како место за разговори. Американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер минатиот викенд ги посетија Москва и Киев, додека Вашингтон продолжува да притиска за директни руско-украински преговори. Кушнер порача дека една од главните преостанати пречки за договор е прашањето за украинските територии што ги бара Русија, додека Киев досега одбива да прифати територијални отстапки под руски услови.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја претстави поканата Зеленски да дојде во Москва како „гест на добра волја“, но истовремено нагласи дека Русија нема да ги прекине воените операции додека евентуалните преговори траат. Засега нема потврда дали Путин воопшто ќе присуствува на самитот на Г20 во САД, па останува неизвесно кога и каде би можела да се одржи првата директна средба меѓу двајцата претседатели.
