Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи се осврна на концертот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета, оценувајќи дека настанот бил повеќе од музички спектакл.
Споделувајќи видео во кое Дејвид Гета ги пренесува своите впечатоци од настапот и престојот во Македонија, Мицкоски истакна дека концертот претставувал вечер посветена на државата, нејзината независност и на сите генерации кои придонеле за нејзиниот развој.
„Ова не беше само голем музички настан, туку вечер во чест на Македонија, на нејзината независност и на сите генерации кои ја граделе и ја чувале државата“, напиша премиерот.
Тој упати благодарност до сите посетители и учесници кои, како што наведе, придонеле прославата да биде достојно одбележана.
„Благодарност до сите што беа дел од оваа прекрасна вечер и што заедно покажавме дека кога славиме за Македонија, славиме со срце, гордост и достоинство. Нека ни е вечна и независна Македонија, а ваквите моменти нека нè потсетуваат колку многу можеме кога сме заедно“, порача Мицкоски.
Концертот на Дејвид Гета беше организиран во рамки на одбележувањето на Денот на независноста и привлече десетици илјади посетители.
