Вонредните избори за градоначалник на Брвеница на 18 октомври ќе бидат своевиден тест за популарноста на четирите политички блока кај гласачите, во општина во која македонското и албанското население се речиси изедначени. Изборите се одржуваат по ненадејната смрт на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, поради што неговиот мандат остана недовршен.
ВМРО-ДПМНЕ во трката влегува со Стојанчо Радичевски, кого партијата го претставува како кандидат што треба да обезбеди континуитет на работата на починатиот градоначалник Илиевски. СДСМ го кандидира Јовица Радевски, ветеринар од приватниот сектор и актуелен советник во Советот на Општина Брвеница. Коалицијата Вреди настапува со Јакуп Хусеини, магистер по правни науки и државен службеник во Општина Брвеница, кој според партијата добро ги познава локалната администрација и проблемите на жителите. Кандидат на ДУИ и Алијансата за Албанците е Аркин Јахији, државен советник за бесплатна правна помош во Министерството за правда.
Изборниот резултат ќе покаже не само кој ќе го преземе раководењето со Брвеница, туку и каков е моменталниот однос на силите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во македонскиот, како и меѓу Вреди и ДУИ во албанскиот политички блок. Затоа гласањето на 18 октомври ќе биде еден од првите директни показатели за расположението на избирачите и за позициите на четирите партии пред пред евентуални предвремени парламентарни избори.
