Кредитниот рејтинг на Македонија останува на ниво „ББ+“ со стабилен изглед, потврди меѓународната агенција „Фич“, соопшти Министерството за финансии. Во најновиот извештај се оценува дека македонската економија покажува отпорност, а реалниот економски раст во вториот квартал од 2026 година забрзал на 4,3 отсто.
Растот, според „Фич“, е поттикнат од силните резултати во градежништвото и преработувачката индустрија, како и од зголемената инвестициска активност.
Капиталните расходи од јануари до јули пораснале за 40 отсто на годишно ниво, при што агенцијата ја истакнува реализацијата на големите инфраструктурни проекти, вклучително и коридорите 8 и 10д.
„Фич“ очекува економската активност и натаму да биде поддржана од јавните инвестиции и приватната потрошувачка, а дополнителен потенцијал гледа во инфраструктурните проекти и реформите поврзани со Европската Унија.
Како позитивни фактори се издвојуваат и показателите за управување, повисокиот БДП по жител во однос на земјите со споредлив кредитен рејтинг и посветеноста на процесот на пристапување кон ЕУ.
Во фискалниот дел, агенцијата укажува на потребата од постепена консолидација и очекува намалување на буџетскиот дефицит на среден рок. Позитивно се оценуваат и реформите за подобрување на наплатата на јавните приходи, меѓу кои е и воведувањето на електронското фактурирање.
Според проекциите на „Фич“, бруто-долгот на општата влада во периодот од 2026 до 2028 година треба да се стабилизира на просечно ниво од 52,7 отсто од БДП. Од Министерството за финансии оценуваат дека потврдениот рејтинг е позитивен сигнал за меѓународните финансиски пазари и инвеститорите за стабилноста и перспективите на македонската економија.
