Минимална плата од 600 евра, односно 36.960 денари, повторно предлага СДСМ со Предлог-закон кој по третпат го доставува во Собранието.
Од партијата велат дека сегашната минимална плата од околу 26.000 денари е недоволна во услови кога синдикалната кошничка достигнува околу 70.000 денари, а трошоците на семејствата со кирија или станбен кредит надминуваат 90.000 денари.
СДСМ тврди дека речиси цела минимална плата е потребна само за храна и безалкохолни пијалаци, додека дополнителен товар се трошоците за превоз, облека, образование и здравство.
Опозициската партија го обвинува премиерот Христијан Мицкоски за луксузен живот и власта за трошење милиони евра за прослави, авион, службени автомобили, мебел и привилегии, наместо за повисоки плати.
Според СДСМ, пари во буџетот има, но потребно е да се намалат трошоците за функционерите и средствата да се насочат кон работниците и заштитата на животниот стандард.
Од партијата оценуваат дека 600 евра е минималниот износ што би им овозможил на работниците достоинствено да живеат од сопствениот труд.
