Дополнителни средства за финансиска помош на онколошките пациенти се предвидени со новиот ребаланс на буџетот на Град Скопје.
Еднократната помош изнесува 6.000 денари и е еднаква за сите баратели кои ги исполнуваат предвидените услови.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека средства ќе бидат обезбедени за секој пациент што ќе поднесе барање до крајот на годината и дека никој нема да биде изоставен.
До почетокот на август до Град Скопје пристигнале 1.265 уредни барања, кои според градските власти веќе биле исплатени.
Јавниот повик за доделување еднократна финансиска помош беше објавен на 25 март на официјалната интернет-страница на Град Скопје. За аплицирање се потребни пополнето барање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и медицински извештај не постар од шест месеци со кој се потврдува дека барателот е онколошки пациент.
