ВМРО-ДПМНЕ реагираше на критиките од СДСМ и Венко Филипче поврзани со говорот на премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 8 Септември, оценувајќи дека опозицијата сама се препознала во пораките упатени од премиерот.
Од владејачката партија посочуваат дека Мицкоски во својот говор ниту еднаш не ги спомнал СДСМ и Венко Филипче како „талог во општеството“, но сметаат дека нивната реакција покажала дека тие се пронашле во изнесените ставови.
„Очигледно сами си се препознаа“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека реакцијата, според нив, ја покажува „фројдовската“ состојба во СДСМ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ е „фабрика за нихилизам и поделби“ и дека, како што велат, дури и националните празници ги користи за создавање конфликти и ширење нетрпеливост.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека незадоволството и фрустрациите во редовите на СДСМ се на високо ниво, поради што, според нив, не е изненадување што претставниците на опозицијата се препознале во употребениот термин „талог“.
Од партијата додаваат дека нивните пораки биле насочени кон, како што велат, потребата од промени, одговорност и продолжување на развојот на државата.
