Два руски борбени авиони Су-35С се судрија над Курската област во Русија, а според неофицијални информации, во несреќата загинал еден пилот. Информацијата за судирот ја пренесе „Москоу тајмс“, повикувајќи се на рускиот Телеграм-канал „Воевода Вешчает“.
Истиот извор индиректно ја обвини Украина за инцидентот, но не објави докази што би ја потврдиле таквата поврзаност. Украинската страна не потврди дека има каква било улога во судирот, а руското Министерство за одбрана засега нема објавено официјални информации за причините и околностите.
Су-35С е еден од најсовремените руски повеќенаменски борбени авиони од генерацијата 4++ и е опремен со ракети воздух-воздух со долг дострел. Инцидентот следува неколку дена по украинските тврдења за повеќе напади врз руски воени аеродроми во кои биле погодени или уништени неколку руски авиони и хеликоптери.
