Пакет од 200 милиони евра за развој на Гренланд најави Европската Унија во период кога арктичкиот остров повторно е во центарот на геополитичкиот интерес на САД. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Нук порача дека Европа одлучила да биде поприсутна и поангажирана на Гренланд и на Арктикот.
„Гренланд мора да остане со Европа, а не со Соединетите Американски Држави“, беше една од нејзините главни пораки за време на дводневната посета на автономната данска територија.
Новите европски средства треба да бидат насочени кон конкретни развојни проекти, меѓу кои подобрување на сателитските капацитети и пристапот до интернет во северните и источните делови на островот. Посетата доаѓа по повеќемесечните тензии предизвикани од барањата на американскиот претседател Доналд Трамп САД да стекнат контрола врз Гренланд, иако тој во јануари се откажа од можноста за употреба на сила.
Фон дер Лајен нагласи дека за иднината на Гренланд можат да одлучуваат единствено жителите на островот и Данска. Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен порачаа дека на Гренланд му е потребна Европската Унија, но и дека на Унијата ѝ е потребен Гренланд.
Со новиот финансиски пакет Брисел дополнително го засилува своето присуство на стратешки важниот Арктик и ја демонстрира намерата да ги зацврсти врските со Гренланд.
