Рускиот претседател Владимир Путин синоќа разговарал повеќе од три часа со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер за можностите за постигнување договор за завршување на војната во Украина. Советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, средбата ја оцени како „исклучително корисна“, но не соопшти дека е постигнат конкретен напредок во преговорите.
Според него, Виткоф и Кушнер претставиле повеќе идеи за можните начини за постигнување договор, без да бидат откриени детали за американските предлози.
Путин на соговорниците им порачал дека Русија остварува „реален напредок“ на бојното поле и останува уверена во остварувањето на своите цели. Рускиот претседател повторно инсистирал дека евентуалниот мировен договор мора да ги реши, како што Москва ги нарекува, „основните причини за конфликтот“.
На средбата се разговарало и за економските односи и за можни големи руско-американски проекти од заеднички интерес, изјави Ушаков.
Путин истовремено ги пофалил напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување мировно решение, откако Трамп претходно најави нов американски предлог за крај на војната.
Виткоф и Кушнер по разговорите ја напуштија Москва, а денеска треба да отпатуваат во Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Кремљ претходно соопшти дека Путин наредил тридневен прекин на руските напади врз Киев поради посетата на американските претставници. Зеленски, од своја страна, изјави дека Украина е подготвена до понеделник да се воздржи од напади врз Москва.
И покрај дипломатските активности, меѓу Москва и Киев и натаму постојат големи разлики околу условите под кои би можела да заврши војната.
Кремљ останува на ставот дека Украина треба да се откаже од членството во НАТО и да ѝ ги отстапи на Русија четирите региони врз кои Москва полага право. Украина одбива да отстапи територии што ги контролира и ваквите руски барања ги оценува како услови што практично би значеле капитулација.
По последните мировни разговори меѓу Русија и Украина во февруари, одржани со американско посредство, двете страни ги засилија нападите со долг дострел, додека судирите ескалираа и во Црното Море.
