Старата чаршија во Гевгелија е целосно обновена и повторно ставена во функција, а Владата најавува продолжување на поддршката за реализација на нови инфраструктурни проекти во општината.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски истакна дека за реконструкцијата на Старата чаршија биле издадени 27 одобренија за обнова на исто толку објекти, со што овој значаен дел од градот добил нов и уреден изглед.
„Се обновува Старата чаршија – културно наследство во Гевгелија. Издадени се вкупно 27 одобренија за реконструкција на 27 објекти кои денес изгледаат навистина прекрасно“, изјави Николоски.
Тој посочи дека преку владината поддршка во Гевгелија се реализираат проекти во вредност од околу 165 милиони денари, при што дел од нив веќе се завршени, а останатите се во тек.
Како завршени инвестиции ги издвои проектите во селата Моин, Прдејци и Богородица, додека во моментов се работи на повеќе значајни инфраструктурни зафати во градот.
Меѓу нив се завршувањето на западниот булевар „Св. Климент Охридски“, реконструкцијата на улиците „Железничка“, „Маршал Тито“, „Гевгелиски партизански одреди“ до железничката станица, како и улицата „Новопланирана“.
Николоски најави дека Владата ќе продолжи со инвестиции во Гевгелија и во наредниот период.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме општината и заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и градоначалникот Андон Сарамандов да реализираме уште повеќе проекти во интерес на граѓаните“, порача тој.
