Градежното вештачење изработено од Петре Русески, ангажиран од одбраната во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, повторно беше во фокусот на денешното рочиште, при што обвинителството преку вкрстено испрашување ги оспори неговите заклучоци.
Русески остана на ставот дека во објектот немало реконструкција или пренамена, туку биле изведени исклучиво градежно-занаетчиски работи за внатрешно ентериерно уредување.
„Дефинитивно нема реконструкција од градежен аспект, нема промена во деловниот простор и станува збор за градежно-занаетчиски работи на внатрешно ентериерно уредување“, изјави вештакот пред Судот.
Обвинителството посочи дека терминот „градежно-занаетчиски работи“ не е дефиниран во Законот за градење, на што Русески одговори дека за таквите работи не се потребни посебни одобренија или лиценци, иако, како што рече, тие се составен дел од градежната практика.
Одбраната претходно најави дека ќе побара супервештачење доколку наодите на нејзините вешти лица останат во спротивност со оние на обвинителството. Законот за кривичната постапка предвидува можност за ново вештачење кога постојат противречности, нејаснотии или сомнежи што не можат да се расчистат со дополнително сослушување на вештаците.
Во текот на расправата обвинителите отворија прашања и за претходните ангажмани на Русески со други вешти лица, при што го прашаа за неговото учество во друго вештачење. Тој потврди дека бил дел од такви постапки, но нагласи дека не смета оти тоа претставува причина за негово изземање.
Посебно внимание привлече и неговиот став за противпожарната безбедност на објектот. Русески истакна дека оценката за евакуацијата, електричните инсталации, машинската вентилација, паничното осветлување и останатите безбедносни елементи треба да ја дадат овластени стручни лица од соодветните области.
Од градежен аспект, рече тој, објектот ја исполнувал својата намена и материјалите и конструкцијата, според неговото мислење, не придонеле за ширење на пожарот.
Дали ќе биде определено ново вештачење ќе одлучи Судот, кој ќе оцени дали постојните противречности можат да се расчистат со дополнително испрашување на вештаците или ќе биде потребно ангажирање нови стручни лица.
